Викендов имавме можност да му посакаме добредојде со интервју од неколку прашања на нашиот нов играч, канадскиот примач Најџел Нилсен. Со вкусно капучино, кое вели дека му станува омилен пијалок овде, во хотел “Горан Пандев” каде што моментално престојува, направивме интервју кое сме сигурни дека ќе ви се допадне и ќе ви помогне да го запознаете Најџел малку од поблиску.
ОК Струмица: Добредојде во клубот Најџел! Какво е чувството во редовите на ОК Струмица?
Најџел: Одлично! Од самото мое пристигнување сите се многу гостопримливи и клубот многу ми помогна да ме интегрира во нивните планови и многу сум возбуден да се вклучам во ваква успешна програма и се надевам на добар успех сезонава!
ОК Струмица: Каков е твојот прв впечаток од тимот и атмосферата во него?
Најџел: Супер! Како што и кажав, само што дојдов, а веќе сите направија да се чувствувам како да сум дел од семејството, ме пречекаа на тренинг со широко отворени раце и не потрошивме залудно време, веднаш се фативме за работа, и среќен сум што гледам дека тимот е сериозен во исполнување на своите поставени цели.
ОК Струмица: Дали најде време да прошеташ низ градот? Кое е твоето мислење до сега?
Најџел: Излегов неколку пати, неколку соиграчи ме прошетаа. Центарот на градот е многу убав, многу ми се допаѓа како градот е опкружен со планини, а самото возење до овде беше неверојатно, само седев во колата и гледав низ прозорецот. Локалните луѓе со кои се запознав и разговарав, ми се чини дека се среќни што сум овде, сакаат да ме запознаат поубаво и тоа прави да се чувствувам како да сум дома.
ОК Струмица: Како ти изгледаат тренинзите до сега? Дали би извдоил некој соиграч кој ти остави посебен впечаток?
Најџел: Тренинзите се многу добри. Започнав по пауза од неколку недели, но тимот на тренери и соиграчите ми пружија многу убава работна средина за да можам полесно да се вклопам и адаптирам. Сите до сега се ништо помалку од пријатни и гостопримливи, па би издвоил едно име, но не е само една личност, туку целиот тим и целата администрација, од самото мое стапнување овде направија се за да се чувствувам удобно и многу сум им благодарен.
ОК Струмица: Каков е твојот стил на игра и како се вклопуваш во играта и тактиките на тимот?
Најџел: Сакам високи топки, скокам високо и удирам силно, по можност преку блокот. Мојата игра е агресивна и знам дека ќе допринесам во тактиките на тимот со добар прием и силен напад.
ОК Струмица: Кажи ни нешто што би сакал фановите да го знаат за тебе надвор од теренот.
Најџел: Себе се сметам за добра личност и сакам да имам околу себе луѓе со многу енергија. Многу сакам и многу ми помага да бидам својата најдобра верзија кога гледам полни трибини со гласни навивачи и поддржувачи, така да, ако дојдете да не гледате на натпреварите, ве молам не се двоумете да ми пријдете да се поздравиме. Многу би сакал да се запознаеме и поразговараме, и да станам дел од вашата заедница.